Меџити: Следната недела почнува реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“

Македонија

Следната недела започнува реконструкцијата на булеварот „Мит’хат Фрашери“ во Општина Чаир, еден од клучните инфраструктурни проекти за оваа скопска општина.

На терен денеска беа градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Од Општината информираат дека точките за реализација на проектот се веќе поставени и дека се е подготвено за почеток на градежните работи.

Реконструкцијата ќе опфати делница во должина од повеќе од 1,4 километри, која се протега од улицата „Џон Кенеди“ до булеварите „Словенија“ и „Босна и Херцеговина“.

Проектот предвидува изградба на булевар со четири сообраќајни ленти, уредени тротоари и велосипедска инфраструктура, како и атмосферска канализација и ново јавно осветлување.

Според надлежните, со реализацијата на проектот значително ќе се подобрат условите за одвивање на сообраќајот и ќе се модернизира инфраструктурата во овој дел од Чаир.

„Еден по еден, ги реализираме проектите што ги ветивме за Чаир. Следната недела започнува реконструкцијата на булеварот ‘Мит’хат Фрашери’, еден од клучните инфраструктурни проекти за нашата општина“, изјави Меџити.

Тој посочи дека станува збор за голем проект кој треба да донесе подобар сообраќај и поквалитетна инфраструктура за граѓаните, додавајќи дека Општината ќе продолжи со реализација на ветените проекти.