Тепачка прекинала концерт на Гавазова, полицијата интервенирала во тотален мрак

Македонија, Сцена, Хроника

Тепачка го прекинала концертот на Сузана Гавазова во Пештани, а полицијата интервенирала во целосен мрак, јавуваат локални медиуми.

Концертот на познатата македонска пејачка Сузана Гавазова, кој вчера се одржувал во охридското село Пештани по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, бил прекинат поради тепачка меѓу присутни лица.

Според информациите од терен, веднаш по започнувањето на физичката пресметка во селото дошло и до прекин на електричната енергија, па просторот каде што се одржувала веселбата останал во целосен мрак.

Во тие моменти, додека траела полициската интервенција, полицајците користеле електрични лампи на батерии за да го осветлат просторот и да можат непречено да ја спроведат интервенцијата.

Случајноста што тепачката и прекинот на електричната енергија се случиле практично во ист момент предизвика дополнителни реакции меѓу присутните, кои се прашуваат како е можно двете случувања да се совпаднат во ист момент. Засега нема информации дали прекинот на струјата е на кој било начин поврзан со инцидентот, ниту пак е познато што точно го предизвикало прекинот.

Поради инцидентот, концертот бил целосно прекинат, а со тоа завршила и планираната забава.

Според полициски извори за тепачката приведени се 6 лица.