Темпирани бомби над главите на граѓаните – падна дел од фасадата на станбена зграда во Козле (фото)

СКОПЈЕ

На улицата Јуриј Гагарин 33, спроти „Homax“ и Vero, вчера по втор пат падна голем дел од фасада на станбена зграда.

Овојпат одронот завршил директно врз возилата паркирани до зградата, а според досегашните информации, нема повредени лица, додека материјалната штета допрва ќе се проценува.

Откако сега повторно паднал дел од фасадата, според изјави на граѓаните, тие се присетуваат дека првиот инцидент се случил лани во јули месец.

„Попладнево по вторпат се одвои дел од фасада во зградата во која живеам. Лани на 9 јули за првпат падна дел од фасадата и историјата се повторува. И оваа година како и претходната беа известени Центарот за управување со кризи, полицијата, општина Карпош. Полицијата брзо и професионално стигна на местото. Има оштетени три возила од кои едното е мое, а штетата допрва ќе се проценува. Прашање е кој ќе ја плати штетата, изјавила за „Слободен печат“ Ана Донева, станарка од зградата чие возило е оштетено.

Слободен печат исто така пред неколку години извести дека одрон од фасада на слична зграда, одалечена од оваа на само неколку стотина метри, го оштетил автомобилот на популарниот актер од К-15, Васко Тодоров попознат како „Тошо Малерот“.