ЕФА со голем пресврт: Бугарија да се извини за злосторствата врз македонското малцинство

Дали Знаете, Политика

На годишното собрание на Европската слободна алијанса едногласно е усвоена декларација со која од Бугарија се бара формално извинување за злосторствата врз македонското малцинство за време на комунистичкото владеење, како и спроведување на 14-те случаи пред Европскиот суд за човекови права поврзани со регистрацијата на македонски организации во Бугарија, наведено е во извештајот на ЕФА.

Во декларацијата се оценува дека македонското малцинство во Бугарија се соочува со една од најсериозните кризи на човековите права во рамките на Европската Унија.

Според Европската слободна алијанса, системската репресија и етничкото негирање со кои се соочуваат Македонците во Бугарија се директно продолжение на политиките на денационализација започнати во времето на комунистичкиот режим на Тодор Живков.

Во документот се наведува дека уште во 1963 година политиката на негирање на постоењето на македонско малцинство била централен дел од процесите на присилна асимилација на малцинствата во рамките на концептот за „единствена бугарска социјалистичка нација“.

Од ЕФА посочуваат дека македонските заедници и денес се соочуваат со исклучувачка реторика од современи бугарски политичари, слична на онаа од времето на Живков, според која „Македонците не смеат и не можат да постојат“.

Европската слободна алијанса предупредува дека Бугарија во изминатиот период се обидела да ја избегне меѓународната одговорност, барајќи од Комитетот на министри предвремено да го затвори мониторингот врз група предмети поврзани со повреда на правото на здружување. Станува збор за случаи кои се однесуваат на членот 11, односно правото на слобода на здружување.

И покрај пресудите и меѓународните обврски, македонските организации во Бугарија и натаму не можат да добијат законска регистрација. Со тоа, се наведува во декларацијата, тие се спречени официјално да ги застапуваат своите основни права, интереси и потреби.

Во декларацијата се посочува дека во таков контекст Македонија е ставена во позиција да го брани сопственото постоење под, како што се наведува, синтетичката рамка на „решавање на билатералните односи“.

Според ЕФА, тие односи се водат со сосед кој го негира македонскиот идентитет преку долгогодишната политичка порака: „Македонија во ЕУ – да, но македонизам – не“.

Од Алијансата оценуваат дека со претставувањето на македонскиот идентитет како „идеологија“, Бугарија фактички го условува европскиот пат на Македонија со промена на етничкиот идентитет на еден народ.

Во документот се споменува и неодамнешниот извештај за пристапувањето на Македонија, подготвен од европратеникот Томас Вајц. Според ЕФА, на 9 јули 2025 година мнозинство во Европскиот парламент гласало за амандмани со кои од извештајот биле отстранети конкретни формулации што имале цел да го признаат, почитуваат и да го заштитат македонскиот идентитет.

Европската слободна алијанса бара итно подигнување на свеста за сериозната состојба со човековите права на македонското малцинство во Бугарија. Посебно се нагласува одбивањето на бугарската држава да ги спроведе повеќе од 14-те случаи поврзани со регистрацијата на македонските организации, како и говорот на омраза со кој, според декларацијата, се соочуваат Македонците во Бугарија.

ЕФА бара Европската Унија строго да ја повика Бугарија на одговорност за нејзините правни обврски како земја-членка, особено во делот на човековите и малцинските права. Во декларацијата се наведува дека Бугарија континуирано не ги исполнува овие обврски кога станува збор за македонското малцинство.

Од Алијансата бараат и ставање крај на двојните стандарди во Европската Унија во односот кон земјите-членки и земјите-кандидатки, особено кога се работи за заштитата и третманот на националните малцинства и унапредувањето на нивните права.

Во декларацијата се отвора и прашањето за невклучувањето на македонски претставник во Националниот совет за соработка за етнички и интеграциски прашања во Бугарија. Според Европската слободна алијанса, македонската заедница треба конечно да биде вклучена и претставена во институционалните тела што се занимаваат со етнички и интеграциски прашања.

Најдиректното барање во документот е Бугарија формално да се извини за злосторствата извршени врз македонското малцинство за време на комунистичките години. Тоа извинување, според ЕФА, треба да ги признае страдањата на илјадници Македонци кои биле тепани, присилно раселувани, понижувани, казнувани, затворани и убивани поради изразување на сопствениот етнички идентитет и поради спротивставување на бугарските политики на денационализација.

Со оваа декларација, прашањето за Македонците во Бугарија повторно се поставува како европско прашање за човекови права, слобода на здружување, малцинска заштита и институционална одговорност на земја-членка на Европската Унија.