Коњановски: „Офицерски“ станува сцена за нова уметничка енергија
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски присуствуваше на официјалното отворање на „Живо атеље“, како втора фаза од проектот „Симфонија на петте: звуците на Офицерски“, интердисциплинарна ликовна иницијатива која ги обединува едукацијата, креативниот процес и изложбената дејност.
Проектот има за цел да го доближи создавањето на уметничкото дело до пошироката јавност, изнесувајќи го процесот од училишните кабинети во галерискиот простор, со што се овозможува директен увид во уметничкото творење.
За разлика од класичните конкурси, иницијативата предвидува формирање уметнички тимови составени од по пет ученици, кои заеднички создаваат едно монументално дело – полиптих на тема „Звуците на Офицерски“. Секој ученик работи на свој дел со сопствен ликовен израз, техника и стил, но крајниот резултат треба да претставува хармонична и естетски поврзана целина.
Проектот се реализира во три фази. Во првата беше спроведен јавен конкурс и избор на учесници. Втората фаза, која е во тек, претставува тринеделно уметничко атеље во кое учениците творат со поддршка на менторите Ангела Каранфилова и Љубица М. Солак. Третата фаза ќе биде свечена изложба на создадените дела.
