Шилегов: „Предметот ‘Пулс’ ќе трае најмалку уште седум години“
Екс-градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој е дел од одбраната во случајот „Пулс“, во интервју за „Фокус“ упати сериозни критики кон обвинителниот акт, оценувајќи дека е правно неиздржан, преобемен и поставен на начин што ќе резултира со долгогодишен судски процес без брза разрешница.
„Мислам дека родителите и роднините на починатите деца, оштетените во таа постапка, сериозен дел од обвинетите, меѓутоа и целокупното македонско општество, сме заложник на еден полуписмен т.н. обвинителен акт, кој може да гарантира сѐ, освен две работи. Прво, дека предметот ќе трае многу, многу долго и дефинитивно нема да донесе правда“, вели Шилегов во интервјуто.
Тој посочува дека и по шест месеци судење, со по пет до шест рочишта месечно, обвинителството сѐ уште не ја исцрпило листата на свои сведоци, поради што прогнозира дека првостепена пресуда не може да се очекува во скоро време. „Јас прогнозирам дека ќе поминат уште најмалку 5 години пред да дојдеме до фаза за носење првостепена пресуда. Ако на тоа ја додадете и жалбената постапка, од овој момент би завршиле за седум години за да добиеме второстепена одлука“, наведува Шилегов.
Во продолжение, тој детално ја образложува својата проценка, наведувајќи дека обвинителството предложило 1.400 материјални докази, стотици сведоци и десетици вештаци, што според него дополнително ќе ја пролонгира постапката.
„За жал, ова ништо не мораше да биде вака, ако обвинението прво беше правно издржано, второ, не беше опфатен толкав спектар на луѓе, кои немаат допирна точка со самиот пожар, а се обвинети дека го предизвикале пожарот. Така што, фактички, поради ваквото обвинение… ние нема шанси да дојдеме до брза завршница и дефинитивно нема да дојдеме до правда“, истакнува тој.
Шилегов смета дека предметот можел да биде многу поедноставен доколку бил насочен кон помал број обвинети. „Предметот можеше да биде многу едноставен, со 10 до 15 отсто од овие обвинети што се таму, за ова кривично дело, и досега можеше да биде дојдено до крај. Веќе ќе имаше првостепена пресуда и луѓето, за загубата што е ненадоместлива, сепак да добијат каква-таква сатисфакција“, вели тој.
Адвокатот ја проблематизира и правната квалификација „Предизвикување општа опасност“, тврдејќи дека административни службеници и функционери не можат директно да се поврзат со самиот пожар. „Не може работење на административен работник да предизвика пожар. Ако недоследно ја завршил работата, тогаш можете да го гоните за друго кривично дело. Правната квалификација е сериозен проблем“, наведува Шилегов.
Како пример, тој го посочува издавањето лиценци години пред трагедијата. „На пример, имате ситуација на министер што издал лиценца во 2012 година. Каква врска има потписот за издавање лиценца со пожарот во 2025 година? Нема допирна точка“, вели тој. Тој ја оспорува и теоријата на каузалитет врз која се темели обвинението. „Обвинителството вели дека има теорија на каузалитет, причинско-последична врска, што сама по себе паѓа во вода… Зошто некој што потпишал во 2016 година, да одговара за кривично-правен настан во 2025 година, кога неговиот потпис важел за 2016 година?“, прашува Шилегов.
Во интервјуто, Шилегов тврди дека општините немаат законски ингеренции за инспекциски надзор врз вакви објекти, ниту можност да изречат забрана за работа. „Институционално единиците на локалната самоуправа немаат законска можност, ниту инспекциски надзор како јурисдикција, да влезат во одреден објект и да му изречат забрана за функционирање“, посочува Шилегов.
Во дел од интервјуто, тој зборува и за можните финансиски последици за државата доколку дел од обвинетите добијат ослободителни пресуди. „Јас очекувам ослободителна пресуда за значителен број на обвинетите, бидејќи со потпис во канцеларија не се прави пожар на самото место“, вели Шилегов, додавајќи дека „едно судење чини најмалку 100.000 евра“.
