Штипските генијалци продолжуваат да ја радуваат Македонија – Дамјан Давков го освои златото на Европската математичка олимпијада
Дамјан Давков освои златен медал на првата Европска математичка олимпијада (ЕМО), која се одржа во Вилнус, Литванија. Со овој успех, тој се најде на врвот на листата на најдобри натпреварувачи, делејќи го првото место со Маргулан Шарел од Казахстан, со што стана севкупен победник на првата ЕМО.
Македонските натпреварувачи остварија значаен успех и во поединечна конкуренција. Ивано Божиновски освои сребрен медал, додека Леонид Тодороски се закити со бронза. Во екипниот пласман, Македонија го освои високото шесто место според бројот на освоени одличја, пласирајќи се веднаш зад Казахстан, Украина, Бугарија, Франција и Грузија. Дел од македонската репрезентација беа и Марко Митевски, Андреј Тасиќ и Филип Џамбаски.
Тимот го предводеа Илија Јовчески во улога на водач и Лука Хаџи Јорданов како заменик-водач. На натпреварот учествуваа 124 натпреварувачи од 19 европски земји. Европската математичка олимпијада има за цел да се развива како бесплатен натпревар наменет исклучиво за европските држави, со фокус на поврзување на младите математичари и нивна подготовка за Интернационалната математичка олимпијада.
Македонското претставување на натпреварите по математика ги организира Сојузот на математичарите на Македонија.
Годинашното издание на светската олимпијада ќе се одржи во периодот од 10 до 21 јули во Шангај, Кина.
