Македонскиот амбасадор во Русија предизвикал инцидент среде Москва?!
Амбасадорот на Македонија во Руската Федерација, Ненад Колев, предизвикал инцидент среде Москва во алкохолизирана состојба, објави српскиот портал Правда. Амбасадорот на Македонија во Руската Федерација, Ненад Колев, предизвикал инцидент во алкохолизирана состојба, објавија дел од медиумите во земјава, регионот и Русија, повикувајќи се на српскиот портал Правда, кој прв ја објави оваа информација.
Имено, во овој српски портал, кој е наследник на некогашниот истоимен весник, е објавена колумна на авторот Петар Давидов насловена „Пијана дипломатија“, во која, меѓу другото, се пласира информација, заедно со фотографии од безбедносни камери, дека Колев бил пијан.
Во оваа колумна, каде доминира изразен проруски и антинато тон, Давидов пишува дека амбасадорот Колев конзумирал алкохол во московски бар, по што, при излегување надвор, се удрил во бандера, за на крај да се качи во службениот автомобил со дипломатски таблички, да сврти на 2 полни ленти и да се судри со друго возило.
„ Господин Колев морал да излезе од своето возило, а камерите повторно го забележале пијаниот дипломат додека се обидувал да ја одржи рамнотежата потпирајќи се на каросеријата на туѓиот автомобил“, пишува рускиот портал Политнавигатор, повикувајќи се на српска Правда.
Со цел да ги провериме овие информации, „Фокус“ официјално се обрати до македонската амбасада во Москва, при што побаравме коментар од Колев и тој да се произнесе околу информациите за инцидентот што го предизвикал во руската престолнина.
Исто така, упативме прашање и до Министерството за надворешни работи дали се запознаени со случајот и дали ја разгледуваат можноста да поведат постапка за отповикување на Колев? Штом ги добиеме одговорите, веднаш ќе ги објавиме.
Инаку, Колев е дипломат од кариера, кој во МНР извршувал разни должности од 1997 година. Покрај тоа, тој бил македонски амбасадор во Виена пред да замине на служба во Москва во 2023 година, откако 4 години земјава немаше амбасадор во Русија, туку вршител на должност.
