Воздухот во Скопје опасно загаден – податоците се застрашувачки, еве што дишиме?!
Според мерните податоци, квалитетот на воздухот во Скопје денес е нездрав и претставува ризик, особено за деца, постари лица и хронично болни.
Скопје денеска повторно се најде високо на листите на најзагадени градови во светот откако беше измерен Индексот на квалитет на воздухот кој изнесуваше над 115 US, покажуваат податоците од мерните станици што ги собира IQAir. Според индексот од мерните станици воздухот се сместува во категорија на „нездрав“ до „екстремно нездрав“ по здравјето на луѓето.
Скопје денес беше повторно рангиран меѓу најзагадените градови во Европа и светот, со концентрации на фините честички PM2.5, кои значително ја надминуваат препорачаната безбедна граница и се особено штетни за најранливите категории како деца, постари лица и лица со респираторни или кардиоваскуларни заболувања.
Според IQAir, AQI вредностите утрово покажуваат дека воздухот во Скопје е „нездрав за чувствителни групи“, со концентрации на PM2.5 од околу 40,7 µg/m³, значително над препорачаните годишни гранични вредности на Светската здравствена организација (WHO). Овие честички се толку мали што можат да продрат длабоко во белите дробови и да навлезат во крвотокот, со сериозни последици за здравјето.
Поради ова, здравствените експерти и активности што ја следат загаденоста препорачуваат намалување на изложеноста на отворено во периоди со високи концентрации на ПМ честички.
Поради високото ниво на загадување на воздухот, потребно е граѓаните да преземат мерки за намалување на сопствената изложеност и за намалување на дополнителните емисии. Се препорачува користење на јавниот превоз и ограничување на употребата на личните возила само кога е навистина неопходно, како и организирање заедничко возење со повеќе лица во едно возило. Во домовите, граѓаните се повикуваат да избегнуваат користење прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, гума и други синтетички материјали за затоплување, бидејќи нивното согорување ослободува исклучително токсични честички. Посебен акцент се става и на правилната употреба на печките за дрва, со користење суво и квалитетно гориво и редовно одржување на уредите.
Дополнително, во периоди на екстремно загадување се препорачува прозорците и вратите во домовите да останат затворени, граѓаните да носат заштитни маски од типот FFP2 или N95 доколку мора да престојуваат на отворено, како и да се избегнуваат физички активности надвор во најзагадените делови од денот. Придржувањето до овие препораки може значително да го намали внесот на штетни честички и да придонесе за заштита на здравјето, особено кај најранливите категории од населението.
