ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Промени во правда и култура – Мицкоски е незадоволен од Филков и Љутков!

Македонија, Политика

Министрите за правда и култура, Игор Филков и Зоран Љутков, се на излезна врата од Илинденска, бидејќи премиерот Христијан Мицкоски е незадоволен од нивната работа и резултати, дознава „Фокус“ од високи владини извори.

Во рамки на (мини) реконструкцијата на Владата, што треба да се случи на почетокот на следната година, ќе бидат променети најмалку двајца министри од актуелниот владин состав.

Според неофицијални информации на „Фокус“, промени се очекуваат во ресорите правда и култура, бидејќи премиерот Христијан Мицкоски е најнезадоволен од министрите Игор Филков и Зоран Љутков.

Високи владини извори велат дека Мицкоски смета оти тие имаат најслаб ангажман и резултати во споредба со сите други министри, поради што најверојатно ќе бидат променети.

Нашите соговорници посочуваат оти засега стои отворено прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го преземе ресорот правда и ќе го компензира коалицискиот партнер ЗНАМ со друг ресор, или, пак, ќе побара од ЗНАМ да предложи друг кадар.

Наспроти тоа, според нив, многу поедноставна е ситуацијата во култура, каде министерот Љутков е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, па негова смена не бара коалициски преговори и компромиси.

Оттука, ако ЗНАМ инсистира да го задржи ресорот правда тогаш ќе мора да предложи нов кадар кој ќе ги задоволи барањата на ВМРО-ДПМНЕ за далеку поголема проактивност.

Но, доколку ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена сака да го презеде овој ресор, со цел да презеде и одговорност во специфична област каде се потребни брзи и ефикасни реформи, тогаш ќе треба да му отстапи на ЗНАМ друг ресор, а еден од, условно кажано, слободните ресори ќе биде култура.

Сепак, конечна и официјална одлука за овие, како и за други кадровски прашања, според најавите, треба да биде донесена на почетокот на следната 2026 година, откако прво во декември ќе се одржи редовен изборен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.