Стигна потврда: Еве дали ќе ве казни „Сејф сити“ ако поминете на трепкаво жолто
Во интервју за „Република“, началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, потсети дека жолтото светло не значи дозвола за забрзување и поминување, туку сигнал за подготовка за запирање.
Тој истакна дека речиси сите скопски раскрсници имаат трепкачко зелено светло кое трипати најавува дека следува жолто.
Топаловски појаснува дека законот е јасен: кога ќе се појави жолтото светло, возачот треба да започне со сопирање.
Исклучок е единствено ситуацијата кога возилото веќе е во минување на раскрсницата во моментот кога зеленото преминува во жолто — тогаш камерите нема да регистрираат прекршок.
„Камерите имаат прецизно дефинирана зона. За да се констатира прекршок, регистрацијата на возилото мора да се забележи во раскрсницата додека свети црвено. Тоа е непобитен доказ,“ објасни Топаловски.
Тој предупреди дека поминувањето на жолто создава опасни ситуации, особено ако истото го направи и возач од спротивната насока. Поради тоа, како што нагласи, правилото останува: на жолто се кочи и се подготвува за следното зелено.
