Македонскиот пазар се менува – хидроцентралите добиваат шанса да станат складишта на енергија

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Со новиот Закон за енергетика, донесен во мај 2025 година, Македонија формално воведе две нови улоги во електроенергетскиот систем: оператор на складиште за електрична енергија и агрегатор. Законот стапи на сила како системски и реформски акт што треба да ја приближи енергетската политика на Македонија до европските стандарди и да отвори простор за поголемо учество на обновливите извори и нови инвестиции. Но, за официјалното воведување на операторот на складиште за електрична енергија и агрегаторот потребно е донесување на новите „Правила за регистрација на учество на пазарот на електрична енергија и уредување на пазарот на билатерални договори“ кои месецов на јавна расправа ги претстави Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО.

Законот дава технолошки неутрална дефиниција за складиште за електрична енергија, тоа е постројка или систем/објект кој овозможува складирање на енергија во електроенергетскиот систем, така што се „полнат“ од електропреносната или електродистрибутивната мрежа или директно од електроцентрала, а потоа таа енергија подоцна се користи повторно како електрична енергија или се претвора и користи како друг енергетски носител. Оваа категорија ги опфаќа и пумпно-акумулационите хидроцентрали, кои практично функционираат како ‘водени батерии’.

Заедно со законот, правилата ја уредуваат целата организација и функционирање на пазарот на електрична енергија, од учесници, преку постапки и тргување, до односите со повластените и виртуелните производители.Тие се и важен сигнал дека системот почнува да ја препознава енергијата која може да се складира како посебна вредност.

 

Од класична хидроцентрала до „водена батерија“

Со новите правила, операторите на батериските системи или пумпните хидроцентрали добиваат јасна улога на оператори на складиште. Тие можат да купуваат енергија кога е евтина, да ја складираат и да ја продаваат кога системот има потреба и кога цените се повисоки. Паралелно, агрегаторите ќе можат да групираат помали извори и потрошувачи, на пример мали хидроцентрали, соларни паркови и флексибилни индустриски потрошувачи, и за нив заеднички да настапуваат на пазарот.

Во националната енергетска стратегија веќе се издвојува проектот Чебрен–Галиште на Црна Река како стратешкиобјект кој треба да биде пумпна хидроцентрала. Постојните анализи го опишуваат Чебрен како пумпно-акумулациона електрана со инсталирана моќност од околу 333 MW, со долгогодишен концесиски период, која треба да обезбедува и врвна моќност и сезонско регулирање на водите во системот.

Со новиот законот и правилата проект добива и појасно место во пазарниот дизајн, не само како производител, туку и како складиште на енергија кое може да обезбедува флексибилност за целиот систем, и тоа од балансирање на соларните и ветерните електрани до обезбедување резерви во периоди на врвна потрошувачка.

Во практична смисла сега се отвора и простор за инвеститори во хидроинфраструктура да размислуваат не само за мегаватите што ги произведуваат, туку и за мегават-часовите што ги складираат. Пумпните хидроцентрали се токму тоа, објекти кои во периоди на евтина или вишок електрична енергија пумпаат вода во повисок акумулационен базен, а во периоди на скапа енергија ја пуштаат надолу и повторно произведуваат електрична енергија.

Агрегаторот како алатка за малите хидроцентрали и локалните производители

Вториот нов „играч“, агрегаторот, е замислен да групира различни помали извори и потрошувачи и за нив колективно да учествува на пазарот. Тоа може да значи поврзување на низа мали хидроцентрали, соларни и ветерни паркови, како и флексибилни потрошувачи, во една виртуелна целина.

За хидроцентралите, особено за малите, ова создава можност да се вклучат во сложени пазарни сегменти, како што се балансни резерви, услуги за фреквенција или пазар во тековниот ден, каде што поединечно не би можеле да конкурираат. МЕМО најавува дека до крајот на вториот квартал 2026 година се очекува воспоставување на пазар во тековниот ден и подготовка за спојување со европскиот пазар. Во таков контекст, агрегаторите стануваат мост меѓу малите водни централи и големата европска пазарна арена.

Европа: пумпната хидроцентрала како главен метод за складирање енергија

Европската комисија јасно нагласува дека главниот метод на складирање енергија во ЕУ денес е пумпното хидроакумулирање. Во услови на забрзано зголемување на уделот на сончевите и ветерните електрани, овие „водени батерии“ се клучни за стабилност на мрежата, намалување на ценовните шокови и интеграција на нови обновливи капацитети.

Во март 2023 година, Европската комисија усвои и специјална Препорака за складирање енергија, со која ги повикува државите членки да развијат регулаторни рамки кои ги препознаваат складиштата како посебна категорија, да избегнат двојно наплатување мрежарини и да овозможат долгорочни сигнали за инвестиции.

Во 2025 година, Меѓународната асоцијација за хидроенергија (IHA) и Eurelectric преку т.н. Paris Pledge упатија повик до Европската унија и националните влади за „отклучување“ на речиси 35 GW нови пумпни хидро проекти низ Европа, токму преку појасни правила за складирање, укинување на двојните мрежни такси и забрзани процедури за дозволи. Пораката е јасна, без големи складишта, енергетската транзиција ќе биде побавна, поскапа и поризична.

Пример од ЕУ: „Кортес–Ла Муела“ – најголемата пумпна хидроцентрала во Европа

За да се разбере во практика што значи пумпна хидроцентрала во енергетскиот систем, доволно е да се погледне шпанскиот комплекс „Кортес–Ла Муела“ на реката Хукар. Тоа е најголемиот пумпно-хидроакумулационен објект во континентална Европа, со вкупно инсталирана моќност од околу 1.8 GW, со седум реверзибилни турбини и висинска разлика меѓу резервоарите од над 500 метри.

Оваа електрана потенцијално годишно подмирува потреби на стотици илјади домаќинства, но нејзината вистинска вредност е во флексибилноста, односно операторот објаснува дека „Ла Муела“ сè почесто работи во пумпно–генераторски циклуси дневно, затоа што во системот нагло расте уделот на нестабилни обновливи извори. Кога има силен ветер или интензивно сонце, а цените на берзата паѓаат, „Кортес–Ла Муела“ пумпа вода нагоре. Кога мрежата е под притисок, било поради врв на потрошувачка или пад на ветерното производство, хидроцентралата за неколку минути може да премине на полна генерација и да обезбеди стабилизирачка моќ во системот.

Каде е Македонија денес – и кон што треба да се движи

Обновливите извори во Македонија веќе сочинуваат 56% од вкупниот инсталиран електроенергетски капацитет во 2024 година. Соларните електрани имаат удел од 28%, а големите хидроцентрали 24%. Сепак термоелектраните доминираат во производството. Истовремено, земјата и понатаму е една од најзависните од енергетски увоз во регионот.

Во таков контекст, новите правила на МЕМО и новиот Закон за енергетика можат да се гледаат како прв чекор во насока на европскиот пристап, односно формално да се препознаат складиштата на енергија преку оператор на складиште и да се отвори пазарот за агрегатори.