Обвинителството подготвено за почеток на судењето за „Пулс“ – 15 обвинители ќе го застапуваат случајот со пожарот во Кочани

Македонија, Хроника

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, ќе започне на 19 ноември во Скопје. Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска изјави дека обвинителството е целосно подготвено за почетокот на процесот и дека ќе бидат ангажирани доволен број обвинители за ефикасно водење на предметот.

„Обвинението во судница ќе го застапуваат обвинителите кои работеа на случајот од самиот почеток. Сепак, на вчерашниот состанок договоривме да се вклучат уште неколку обвинители за да не се оптоварат оние што веќе имаат други предмети. Можеби нема секогаш сите да бидат присутни, но секогаш ќе има обвинител кој ќе го застапува случајот, за постапката да не се пролонгира или одложува по вина на обвинителството,“ изјави Коцевски, додавајќи дека вкупно би можеле да бидат ангажирани и до 15 обвинители. објави Скопје1.мк

Во однос на предистражната постапка поврзана со службеници на Управата за јавни приходи, Коцевски појасни дека истата се спроведува во Основното јавно обвинителство Кочани. Надлежниот обвинител веќе издал конкретни наредби и насоки до институциите за преземање на неопходните дејствија.

Со почетокот на судењето за случајот „Пулс“, се очекува јавноста конечно да добие увид во сите околности што доведоа до една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. објави Скопје1.мк