Коњановски во Битола ќе ги намалува управните одбори во јавните претпријатија
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, им наложи на директорите на јавните претпријатија да достават конкретни предлози за намалување на управните одбори, со цел рационализација на трошоците и поефикасно функционирање на институциите.
Покрај тоа, од нив е побарано да изготват и нови инвестициски планови за набавка на механизација и техничка опрема, со што ќе се подобри квалитетот на услугите кон граѓаните и ќе се зголеми работната ефикасност на претпријатијата.
„Фокусот мора да биде на штедење таму каде што е оправдано и инвестиции таму каде што носат резултат. Граѓаните очекуваат работа и видливи промени“, порача Коњановски на состанокот.
Претпријатијата имаат рок во наредниот период да ги достават плановите и финансиските пресметки, по што ќе следи нивна анализа и усогласување со буџетските можности на општината.
