Тоневски: „Граѓаните ни ја дадоа довербата, време е да ја оправдаме“
Во Општина Пробиштип денес беше одржана свечена церемонија на која Општинската изборна комисија (ОИК) ги додели Уверенијата за новиот градоначалник и членовите на Советот. Новоизбраниот градоначалник Тони Тоневски истакна дека овој документ не е само административна формалност, туку симбол на довербата која граѓаните му ја дале.
„Ова уверение е обврска што ја прифаќам со голема одговорност. Граѓаните покажаа јасна волја за развој и за нова енергија во Пробиштип. Промените започнуваат“, изјави Тоневски.
Тој упати честитки до членовите на ОИК за успешно спроведените локални избори, како и до сите избрани советници, при што повика на заедничка и конструктивна работа.
„Советот е место каде се носат одлуки од значење за секој жител на општината. Очекувам конструктивни дебати, одговорност и соработка во интерес на граѓаните“, додаде Тоневски.
Новиот градоначалник порача дека следуваат конкретни чекори за подобрување на секојдневниот живот во Пробиштип, нагласувајќи дека заедничката работа со граѓаните ќе биде начело на неговото функционирање.
„Промените не се збор, туку дело – и ги почнуваме сега“, заклучи тој.




