ФФМ со најстроги казни по инцидентот во Слупчане

Македонија, Политика

Фудбалската федерација на Македонија изрече доживотна суспензија за двајца фудбалери на ФК Беса Слупчане, поради физички напад врз противнички играч по завршување на натпреварот со ФК Аеродром во рамки на 8. коло од Третата лига – Север.

Како што информира ФФМ, дисциплинскиот комесар донел одлука за доживотна забрана за настап за Орхан Демири (32) и Ердин Арифи (18) од Беса, поради физички напад и обид за линч на противничкиот голман.

Клубот од Слупчане доби и дополнителни санкции – суспензија на домашниот терен на 10 натпревари и парична казна согласно Дисциплинскиот правилник на федерацијата.

 

„Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи со доследна примена на сите дисциплински прописи, со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот. Во фудбалот нема место, ниту милост за оние што тепаат и го нарушуваат угледот на спортот“, стои во соопштението на ФФМ.

Инцидентот се случил по завршувањето на натпреварот, во кој гостинскиот тим Аеродром славеше со 2:1 во Слупчане. Министерството за внатрешни работи потврди дека двајцата фудбалери биле приведени веднаш по нападот.