Вајц одново провоцира: Македонија покажува напредок, но без уставни измени нема почеток со ЕУ
Македонската Влада постепено ги спроведува обврските поврзани со малцинствата, безбедноста и инфраструктурните проекти, но земјата сè уште нема направено вистински пробив на европскиот пат, оцени известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц.
„Северна Македонија и понатаму е блокирана од Бугарија. За жал, прашањата поврзани со идентитетот го кочат напредокот на земјата“, изјави Вајц за Европската новинска редакција (ЕНР), дел од која е и МИА.
Тој изрази надеж дека по локалните избори ќе бидат усвоени уставните измени за внесување на бугарската заедница во Уставот, што, како што рече, ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите со Европската Унија.
„Македонија е формално дел од пристапниот процес, но реално преговорите сè уште не се почнати. Тоа мора да се случи наскоро, за земјата да остане на вистинскиот пат“, порача Вајц.
Западен Балкан – различна динамика на напредок
Говорејќи за останатите земји од регионот, Вајц оцени дека Црна Гора би можела да стане 28. членка на Унијата до 2029 година, поради брзите реформи, додека Албанија, според него, бележи напредок и во борбата против корупцијата и во владеењето на правото.
За Босна и Херцеговина, европратеникот оцени дека земјата се соочува со „длабока политичка нестабилност и недостиг од модерна граѓанска држава“.
Во однос на Србија и Косово, Вајц истакна дека двете страни мора меѓусебно да се признаат за да продолжат на европскиот пат.
„Проблемот на Србија не е само Косово, туку и назадувањето во демократијата, медиумските слободи и независноста на судството. Србија стана заробена држава, во која институциите се под контрола на партијата на претседателот Александар Вучиќ“, изјави Вајц.
Тој додаде дека се сомнева во искрената намера на српската влада за влез во ЕУ.
„Ако сакаме да го интегрираме регионот, мора да разговараме со српскиот народ, но не сум сигурен дека владата на Вучиќ навистина сака членство. Тој седи не само на две, туку на најмалку три столчиња – меѓу Кина, Русија, ЕУ и неговиот проект ‘српски свет’“, изјави Вајц.
