Проданоски: Населбата „Градина“ ќе создаде нови можности за прилепчани

Македонија, Политика

Кандидатот за градоначалник на општина Прилеп, Дејан Проданоски, ја претстави својата визија за развој на градот, со акцент на создавање на достоинствен и современ живот за сите граѓани.

Еден од клучните проекти што тој го најави е изградбата на новата населба „Градина“, која треба да стане пример за урбан развој и стандарди за долги години напред. Населбата ќе се наоѓа на просторот на поранешните оранжерии, на само 1,5 километар од центарот на Прилеп, и ќе опфаќа површина од 42 хектари, со капацитет за околу 13.000 жители.

Во рамките на проектот се предвидени над 420 градежни парцели за станбени куќи, згради, деловни и трговски објекти, како и инфраструктура за училишта, градинки, спортски и рекреативни центри. Проданоски најави широки улици, тротоари, велосипедски и пешачки патеки, енергетски ефикасно осветлување, централно греење и големо зеленило, со цел населбата да биде безбедно и здраво место за живеење.

 

„‘Градина’ ќе биде место каде што ќе растат деца, ќе се создаваат семејства и ќе се гради иднина. Со овој проект сакаме да им дадеме причина на младите да останат во Прилеп и да ја гледаат својата иднина тука, дома,“ изјави Проданоски.

Проектот, како што нагласува кандидатот, не создава само нова населба, туку и нова енергија, перспектива и гордост за сите прилепчани, со цел Прилеп да стане европски, зелен и современ град.

Видеото може да го погледнете тука