
Калас: ЕУ започна со финансирање на специјален трибунал за кривично гонење на Путин
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска во Киев изјави дека Унијата започнала со финансирање на специјален трибунал за кривично гонење на рускиот претседател Владимир Путин и други високи руски функционери за кривично дело агресија против Украина, повикувајќи ги земјите-членки да го сторат истото.
„Го основавме овој специјален трибунал за кривично дело агресија, но сега обезбедуваме и финансирање за овој трибунал“, рече Калас за време на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Калас изјави дека без одговорност нема праведен и траен мир.
На прашањето за американските ракети „Томахавк“ за кои американскиот претседател Доналд Трамп неодамна рече дека може да ги испрати во Украина ако војната не се реши, Калас рече дека од Киев зависи дали му се потребни за одбрана.
Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година.