Ѓорѓиевски: Дигитална трансформација на Скопје – 17 проекти за паметен, модерен, транспарентен и град кој се грижи за младите

Македонија, Политика

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го претстави планот за целосна дигитална трансформација на главниот град, преку 17 стратешки проекти што ќе го претворат Скопје во прв целосно дигитализиран, модерен и транспарентен град во државата.

„Кога зборуваме за иднината на Скопје, зборуваме за град кој функционира паметно, брзо и чесно – град во кој системот, а не врските, ја движат работата. Таков град се создава со вистинска дигитална трансформација“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој најави формирање на Смарт Центар – организациска единица што ќе биде срцето на дигитализацијата, преку која ќе се координираат сите проекти за паметен град. Центарот ќе овозможи дигитално управување со транспорт, отпад и јавни услуги во реално време.

 

Во рамките на реформата, ќе се воведат Документ менаџмент систем и ЕРП систем, кои ќе ја заменат хартиената администрација, овозможувајќи „paper free“ работа, јасен дигитален траг и целосна отчетност.

Меѓу проектите е и „Дигитален близнак на Скопје“, преку кој ќе се создаде дигитална реплика на градот со интегрирани просторни податоци, сензори и документи, што ќе овозможи интелигентно урбано планирање и поефикасно управување со инфраструктурата.

Ѓорѓиевски најави и дигитализација на сите градски регистри, воведување на е-даноци, е-адреса, електронско управување со проекти и дигитална платформа за културно наследство. Со проектот SKOPJE CITY GO, граѓаните ќе имаат единствена картичка за јавен превоз, паркинг, културни и спортски настани, со попусти за ученици, пензионери и лица со попреченост.

Посебен акцент Ѓорѓиевски стави на младите:

„Сакам да изградиме град што ќе им понуди шанса, простор и поддршка да растат и создаваат овде, во Скопје.“

Тој најави ослободување од комуналии за млади брачни парови до 40 години без имот, задолжително младинско вработување, Младински центар за кариера и поддршка за млади занаетчии.

„Кога градот е дигитален, секој млад човек може лесно да учи, работи, креира и живее овде. Тоа е Скопје што ни е потребно и Скопје што ќе го добиеме“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека најдоброто допрва доаѓа.