
ВЛЕН ја откри мрежата на компании на Ахмети и директниот кредит од Белград
Скопје – На денешната прес-конференција, Беким Фазлиу од ВЛЕН изнесе нови информации за, како што го нарече, најголемиот политичко-финансиски скандал во современата историја на Северна Македонија, поврзан со семејството Ахмети.
Според изнесеното, компанијата „Сенјак“, поврзана со семејството Ахмети, не е само посредник во продажбата на акции на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, туку дел од поширока бизнис-империја. Новите податоци покажуваат дека една од компаниите во рамки на овој конгломерат добила директен кредит од Алта Банка од Белград во висина од 5 милиони евра.
Фазлиу истакна дека ова покажува дека финансиската соработка со банката на српскиот претседател Александар Вучиќ не е нова, туку постои подолго време, пред неодамнешната продажба на акции. „Парите од Белград веќе се инјектирани во компаниите на Ахмети“, посочи тој, повикувајќи на одговорност и транспарентност.
Тој постави низа прашања до Али Ахмети за времетраењето и условите на соработката со банката, како и за целта на кредитот. „Ова не е само политичка корупција, туку финансиска зависност од центри кои дејствуваат против интересите на државата“, истакна Фазлиу.
ВЛЕН најави дека ќе продолжи со следење на развојот на настаните и ќе обезбедува дополнителни информации за јавноста.