Македонија домаќин на светски енергетски форум: „Од цели кон акција – енергија за иднината“

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Македонија

Од 28 до 30 октомври, Скопје ќе биде центар на глобалните разговори за енергетска иднина, како домаќин на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-IFESD). Настанот ќе се одржи во хотел „Холидеј Ин“, а ќе собере над 300 учесници – владини претставници, креатори на политики, експерти, бизнис лидери, академици и претставници на граѓанското општество.

Годинешната тема, „Од цели кон акција: Енергија за иднината со одржлив развој“, ќе биде во фокусот на дискусиите за енергетска поврзаност, енергетска безбедност, праведна енергетска транзиција и меѓународна енергетска соработка. Форумот ќе служи како платформа за обликување на конкретни стратегии кои ќе го забрзаат напредокот кон глобалните цели за одржлива енергија и реализацијата на Агендата 2030 на Обединетите нации.

Настанот е организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН – ЕКОСОК за Европа (UNECE), Азискиот и Пацифичкиот регион (UNESCAP), Латинска Америка и Карибите (UNECLAC), Африка (UNECA) и Западна Азија (ESCWA).

 

Меѓу говорниците се очекуваат премиерот Христјан Мицкоски, министерката за енергетика Сања Божиновска, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Артур Лорковски и министерот за енергетика и рударство на Црна Гора Адмир Шахмановиќ.

Еден од сегментите на првиот ден на форумот ќе биде посветен на можностите за намалување на метанските емисии од јагленскиот сектор, а ќе се одржи во хибриден формат – со физичко и онлајн учество.

Минатогодишното издание на IFESD беше одржано во Бангкок.