Анкета на ИПИС: Меџити пред Османи во Чаир, расте поддршката за ВЛЕН

Македонија, Политика

Кандидатот на ВЛЕН за општина Чаир, Изет Меџити, има предност од 3,3 проценти пред кандидатот на АКИ, Бујар Османи, покажува најновата анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), спроведена за МРТ во текот на октомври на примерок од 1.004 испитаници преку телефонско анкетирање со жители на Чаир.

Според резултатите, 27,5% од анкетираните изјавиле дека би гласале за Меџити, а 24,2% за Османи. Кандидатот Ицо Колевски добил поддршка од 1,1%, додека 47,2% се неопределени или не одговориле.

Доколку изборите се одвиваат во втор круг, 28,8% би го поддржале Меџити, а 25,4% Османи – разлика од 3,4 процентни поени. За ниту еден кандидат не би гласале 18,7% од анкетираните, а 27,1% остануваат неопределени.

 

Во делот на поддршката за советничките листи, ВЛЕН добива најголема доверба со 22,4%, пред АКИ со 20,3%. Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ дале 6,1% од испитаниците, за СДСМ 1,9%, за Левица 1%, а за ЗНАМ 0,8%. Околу 20% сè уште не се определени, 13,7% нема да гласаат, а 10,7% одбиле да одговорат.

Кога станува збор за изборите за Град Скопје, 19,6% од анкетираните би гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, додека 7,6% за кандидатката на СДСМ, Каја Шукова. Над 70% се или неопределени или не би гласале.

На прашањето која партија очекуваат да победи на локалните избори, 23,2% го посочиле ВЛЕН, 19,5% АКИ, 7,8% ВМРО-ДПМНЕ, а 1,4% СДСМ.

Анкетата покажува дека етничката структура на испитаниците е 68,5% Албанци, 23,1% Македонци и 8,4% од други етнички заедници. Освен локалните прашања, граѓаните како најитен приоритет го посочиле искоренувањето на корупцијата.