Проданоски најави обиколници и нови индустриски капацитети за Прилеп

Македонија, Политика

Кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски, во гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма претстави планови за голема инфраструктурна офанзива која треба значително да го подобри сообраќајот и квалитетот на животот во градот.

Проданоски посочи дека приоритет ќе биде решавањето на сообраќајниот метеж и намалувањето на загадувањето, со што централното градско подрачје ќе стане побезбедно и пофункционално.

– Планираме изградба на две обиколници, Исток и Запад, кои ќе го одведат товарниот сообраќај од центарот, со што ќе се намали бучавата и загадувањето – истакна Проданоски. Тој додаде дека се предвидува и изградба на улицата Александар Македонски како нов влез кон стопанскиот двор, како и реконструкција на улицата Орде Чопела за поефикасен проток на возила низ градот.

 

Во економскиот дел на програмата, Проданоски најави развој на нов стратешки план за Прилеп, поддршка за млади, бизниси и занаетчии, како и продажба на неизградено земјиште за отворање нови индустриски капацитети.

– Очекувам во технолошко-индустриската зона да се отворат нови капацитети, што ќе донесе економски подем за градот. Средства има, само треба правилно да се насочат – рече Проданоски.

Кандидатот најави и воведување дигитални алатки за побрза и поефикасна обработка на даноци и комунални обврски, што ќе им овозможи на граѓаните да плаќаат давачки без чекање.

– Целта е општината да стане модерна, ефикасна и ориентирана кон граѓаните – додаде тој.

Проданоски ја заврши својата порака со повик до прилепчани за заедничко создавање на уреден, функционален и економски жив Прилеп, град кој ќе биде пример за локален развој.