
Стевчo не отстапува место за младите – Јакимовски влегува во трка за уште еден мандат за градоначалник на Карпош
Кандидатите за градоначалници на Карпош, Сотир Лукровски и Маја Мојсова добија конкуренција. И актуелниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовки ќе бара доверба од граѓаните за уште еден, петти мандат.
Тој денеска изјави дека одлуката да се кандидира за градоначалник ја донел откако сфатил дека досегашната понуда на кандидати за Карпош не е доволно силна, а од друга страна смета дека само тој со неговото искуство ќе успее да се снајде во Советот за кој претпоставува дека нема да се постигне мнозинство.
Јакимовски кажа дека со ЛДП веќе има договор, а со Интегра преговараат за заеднички настап на локланите избори. ГРОМ ќе има свој кандидат и за Град Скопје – досегашниот советник Александар Трајановски.
Вчеравечер и ВМРО ДПМНЕ ги комплетираше кандидатите за последните шест општини. За Скопска Кисела вода ќе се кандидира Бети Стаменковска, додека за Дојран Илија Тентов. За Кочани, пак, ВМРО-ДПМНЕ го предлага докторот Влатко Грозданов како натпартиски кандидат, за кого премиерот Мицкоски повика сите политички партии здружено да го подржат.
Како СДСМ ќе одговори на понудата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе одлучува раководството на партијата денеска.. Во трката за градоначалник на Кочани има и двајца независни кандидати – актуелниот в.д градоначалник Венко Крстевски и граѓанскиот активист Зоран Тодоров.
На два дена пред истекот на крајниот рок, своја кандидатура објави и министерот без ресор од Демократските сили на ромите Шабан Салиу, кој ќе бара доверба од жителите на Шуто Оризари за градоначалнички мандат.