ВМРО-ДПМНЕ објави уште 6 кандидати за градоначалници: Бети Стаменковска за Кисела Вода, за Кочани – Влатко Грозданов

Македонија, Политика

ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги објави кандидатите за градоначалници за уште шест општини. За Кисела Вода, кандидат за градоначалник е Бети Стаменковска-Трајковска, а за Кочани, како што беше соопштено вечерва, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обедини околу натпартискиот кандидат доктор Влатко Грозданов.

За Старо Нагоричане, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Мирослав Славковски, за Дојран – Илија Пендов, за Долнени – Сашко Велјановски и за Ранковце – Даниел Павловски.

Марија Митева, член на Извршниот Комитет на партија вечерва изјави дека сите кандидати за градоначалници се избрани на транспарентен начин и дека убедливо воделе на сите внатрепартиски анализи.

– ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за локалните избори како никогаш досега. Сите кандидати се избрани на транспарентен процес. Секој е чесен, познат и почитуван од средината во која живее. Тие се луѓе кои имаа енергија за работа и се псоветени за развој на општините, рече Митева на прес-конференција по седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

„Денес ми е укажана голема чест и доверба од мојата матична партија да бидам кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода – општина која во изминатите години се развива повеќе од било која друга и која мора да ја продолжи својата успешна приказна како најубавата општина во градот Скопје.

Посебна благодарност упатувам до претседателот Христијан Мицкоски и мојата партија за поддршката и вербата, како во мојата работа како пратеник, така и како човек кој живее и секојдневно работи со луѓето од нашата општина. Ви благодарам и вам, мои сограѓани, за тоа што секогаш знаете да препознаете чесност, искреност и посветеност.

Оваа одлука за мене значи доверба, обврска и шанса – да продолжам да работам, но овојпат уште поблиску до вас и до секојдневните предизвици што ги делиме.

Исто така, упатувам искрена благодарност до мојот колега и досегашен градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој постави високи стандарди и докажа дека Кисела Вода може да биде пример за сите. Верувам дека добрите приказни треба да продолжат – со нова енергија, но со истите вредности: работа, чесност, тимска соработка и посветеност.

Подготвена сум да го вложам целото мое знаење, искуство и енергија за Кисела Вода да расте, да се развива и да остане општина во која сите гордо живееме.

Нѐ, очекува многу работа и посветеност со срце!“, објави Бети Стаменковска Трајкоска вечерва.