Меџити: Во Арачиново вложени 164 милиони денари за конкретни проекти

Македонија

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново, проект составен од девет краци со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.

Меџити истакна дека моментално се работи на последниот крак во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а целосното завршување на проектот се очекува во наредниот месец.

„Во изминатите 13 месеци во Арачиново донесовме инвестиции од над 164 милиони денари – реални и конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.

Тој појасни дека овие инвестиции се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што преку Првиот и Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции се вложени 164 милиони денари – 64 милиони денари за изградбата на каналот и 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.

Меџити најави дека инвестициите ќе продолжат и во иднина, нагласувајќи дека средствата ќе се насочуваат каде што постои реална потреба, „не по партиска или етничка линија, туку за да секој граѓанин ја почувствува разликата“.