
Панчо денеска полни 46 години – Јавноста со желби поскоро да излезе од болница и да биде оној „стариот“
Музичарот и продуцент Владимир Блажев – Панчо, кој сè уште се наоѓа на болничко лекување во клиничката болница по кобната несреќа во Кочани ан 16.март, денеска слави роденден. Панчо кој беше дел од популарното дуо ДНК денеска полни 46 години.
Емотивни пораки за неговиот роденден се споделуваат на социјалните мрежи. Сите му посакуваат здравје и поскоро да се врати во својата форма по која беше препознатлив – весел, забавен, полн енергија… Се додека судбината не си поигра со него.
Познатата инфлуенсерка водителка Миа Костова, во своето гостување во емисијата „Претрес со Ландов“, зборуваше отворено за здравствената состојба на Панчо.
„Имам информација дека е многу подобар физички. Како и за сите повредени во трагедијата во Кочани, и за него ќе биде потребно многу време за да заздрават изгорениците, особено на рацете. На едната рака закрепнувањето оди побавно. Психички сè уште се работи со него. Голем тим од психолози и психијатри се ангажирани и верувам дека наскоро ќе го очекуваме да излезе од болница“, изјави Костова.
Таа откри и дека Панчо бил во кома и дека за загубата на неговиот пријател Андреј дознал дури неколку дена по несреќата.
„Долго време не беше ни свесен, беше во кома. И самото соопштување за загинатите не оди лесно, тоа не е како да му кажеш некоја обична вест. Му треба време на човек да го прифати тоа. Лично не сум го слушнала досега, иако се знаеме повеќе од 25 години“, додаде таа.