
Димитровски: Битола ќе добие спортски комплекс, иако некои блокираат!
Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, остро реагираше на, како што ги нарече, манипулациите и лажните тврдења околу изградбата на новиот спортски комплекс во Битола. Тој упати сериозни критики кон дел од членовите на Советот на Општината, обвинувајќи ги дека свесно ја блокираат реализацијата на еден од најважните проекти за граѓаните – нова спортска сала.

„Манипулаторите и патолошки лажговци сега не сакаат да гласаат за новиот ДУП за Нова Битола, каде се предвидува нов реонски центар со спортски комплекс. Главниот нивни аргумент е дека салата морала да биде во поранешната касарна. Но, ако сме направиле грешка во минатото, таа е исправена – изработуваме нов ДУП со маркица токму за нов спортски комплекс,“ изјави Димитровски.

Според него, обвинувањата дека локалната самоуправа се откажала од изградбата на спортската сала се груба лага и обид за свесна заблуда на јавноста. Тој посочи дека сите кои гласаат против усвојувањето на новиот ДУП во суштина гласаат против изградбата на спортскиот објект.

„На дело покажуваат дека не сакаат спортски комплекс. А најлошо е што ги лажат своите поддржувачи и навивачи, кои посветено ги следат сите натпревари и сонуваат нов спортски храм во Битола,“ рече секретарот на општината.

Димитровски нагласи дека изградбата на спортскиот комплекс е дел од развојната програма на Општина Битола за периодот 2025–2027 година, програма која, како што истакна, не била поддржана од истите советници на последната седница на 14 јули.
„Битола ќе добие нов спортски комплекс, без разлика дали некој мисли поинаку. Делата ќе зборуваат, а не зборовите. Народот е мудар и знае да препознае кој работи за него, а кој само блокира,“ заклучи Димитровски.