
НА ДУШКО ЗАЕВ МУ ТРГНА БИЗНИСОТ СО СТРУЈА: Синот на експремиерот лани имал добивка од 954 илјади евра
Цвета бизнисот со струја на Душко Заев, синот на експремиерот Зоран Заев. Неговата фирма „Тотал енерџи“ лани имала добивка од 58 милиони денари, или околу 954 илјади евра.
Младиот Заев фирмата ја отвори во 2022 година, а таа била во плус уште првата година по отворањето. Во 2023 година, тој имал добивка од 39 милиони денари, односно 636 илјади евра.
Во 2023 година, Душко Заев веројатно бил единствениот вработен – фирмата имала само едно вработено лице. Од 2024 година, во „Тотал Енерџи“ има тројца вработени.
Дваесет и едногодишникот стана првиот од семејството Заеви кој почна бизнис со производство на електрична енергија, а по него тоа го сторија неговиот чичко, Вице и неговиот дедо, Панче Заев.
Меѓу останатите бизниси на неговото семејство се и „Тргопродукт“, „Мамас“, „Тотал инженеринг“, „Тотал електрик“, како и повеќе други фирми, кои главно се во градежништво, малопродажба или трговија.