Меџити со порака за 4 Јули: Америка е симбол на слобода и наш стратешки сојузник

Македонија

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, упати честитка по повод Денот на независноста на САД, истакнувајќи ја долгогодишната и цврста соработка меѓу двете земји.

„Во овој 4 јули, го славиме прогласувањето на независноста на САД и нивната непоколеблива посветеност кон универзалните вредности на демократијата, слободата и еднаквоста,“ истакна Меџити.

Тој додаде дека САД отсекогаш биле симбол на инспирација и надеж, „светлиот град на ридот“ што ги поттикнал ослободителните движења и ги поддржал слободољубивите народи ширум светот.

„За нас, Америка отсекогаш претставувала симбол на поддршка. Како претставник на Албанците и вицепремиер на Северна Македонија, им изразувам длабока благодарност за сè што САД направија во поддршка на мирот, стабилноста и развојот на нашата земја,“ додаде Меџити.

Тој нагласи дека 4 Јули не е само симбол на слободата, туку и потсетник на силното пријателство и стратешкото партнерство што ги поврзува двата народа.

„Среќен Ден на независноста, Америка!“ – порача вицепремиерот Меџити.