
ВЛЕН тврди: Пописот од 2021 фалсификуван, поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба
Во име на ВЛЕН, Фатмир Сабриу извести дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, како и други одговорни лица од тогашната Влада на ДУИ и СДСМ. Повод за пријавата е сомнежот за политичко договарање и фалсификување на резултатите од пописот на населението во 2021 година, за што се сомневаат дека е сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
Според ВЛЕН, пописот драстично ги намалил прикажаните бројки на Албанците во многу населени места, што предизвикува губење на уставно загарантирани права како вработување, политичка застапеност и јазична еднаквост. Дополнително, институциите донесуваат одлуки за распределба на средства врз основа на неточни податоци, што ги оштетува граѓаните.
ВЛЕН бара Јавното обвинителство да ги испита овие наводи и да спроведе темелна истрага. Сабриу додаде дека признанијата од високи функционери на ДУИ дека „пописот бил во рамки на договореното“ дополнително ја засилуваат сомнителната политичка режија на целиот процес.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“, изјави Сабриу.