
Божиновска од Италија: Секој мегават е резултат на работа, не на случајност
На Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, одржан денес, беше испратена силна порака за енергетско партнерство и зацврстување на економските врски меѓу двете земји. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ги презентираше досегашните достигнувања и амбициозните планови на земјава во областа на обновливите извори на енергија.

Во своето обраќање, Божиновска истакна дека Македонија не само што ја спроведува енергетската транзиција, туку целосно се позиционира како регионален лидер во оваа стратешки важна област.
„Не зборуваме само за планови, туку за конкретни резултати. Над 1.000 мегавати обновливи капацитети се веќе инсталирани, а државата располага со вкупно 1.494 електроцентрали од обновливи извори – што претставува 56% од вкупната инсталирана моќност,“ рече Божиновска.

Таа ги најави и идните инвестиции, меѓу кои:
соларна електрана од 200 MW, ветерен парк Миравци со капацитет од 100 MW, проектот „Алцазар“ од 400 MW и „Стипион“, со планирани до 400 MW.
Божиновска нагласи дека со новиот Закон за енергетика, како и со инвестиции во електроенергетската мрежа и системи за складирање, Македонија создава силна и стабилна основа за уште поголеми домашни и странски вложувања.
„Подготвени сме за партнерства. Имаме визија и стратегија. Секој мегават е резултат на посветена работа, а не на случајност“, изјави министерката.
Форумот беше оценет како значаен чекор напред во јакнењето на економската соработка меѓу Италија и Северна Македонија, особено во контекст на европските заложби за декарбонизација и енергетска безбедност.