Трагедија го потресе Скопје: Маж смртно прегазен под сопствениот прозор

Хроника

Скопјанецот Југо го загуби животот вчера во вечерните часови, откако беше прегазен на кејот на Вардар, спроти Паркот на Франкофонијата. Според роднините, несреќниот случај се случил околу 20 часот, во зона каде што се играле над 30 деца.

Од информации добиени од семејството, на моторот што го предизвикал несреќниот случај имало две лица, кои во моментот бегале од полиција.

– „Го убија на пешачка зона“, вели роднина на загинатиот Југо за „Скопје1“.

Пријателите преку социјалните мрежи се простуваат од него со топли зборови:

„Да умрам недалеку од местото каде што се родив – тоа беше неговата желба. Чичко Југо, татко на две прекрасни ќерки и дедо на три внучиња, никому не направи зло. Беше љубезен и културен, секогаш ќе те поздравеше и ќе имаше добар збор. Загина токму под својот прозор, прегазен од мотор без регистарски таблички, кој бегајќи од полиција помина покрај Паркот на Франкофонијата каде што играа нашите деца, сведоци на ужасниот настан. Секогаш ќе те памтиме по добрина, чичко Југо“, вели неговиот пријател Дончо Наумовски.

Се очекуваат повеќе детали во текот на денот од МВР.