
БОГОЈЕСКИ: Ситуацијата со ЕУ скептицизмот е страшна!
Се зголемува евроскептицизмот кај младите во Македонија – повеќе од половина од нив, според неофицијални извештаи, се против идното членство на земјата во Европската Унија. Тоа, според одредени политички претставници, е резултат на разочарување од бирократските структури во Брисел и перцепцијата за отсуство на принципиелна поддршка кон Македонија.
„Од ова се плашев. За ова зборував во ЕУ. Но, корумпираните бирократи таму не се загрижени за иднината на Унијата, туку за сопствениот џеб“, реагира претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески.
Тој нагласува дека Европската Унија денес има две лица:
Првото е визијата за Европа – заедница на вредности, човекови права и еднакви можности за сите;
Второто е реалноста – бирократски апарат заробен од политички интереси и отуѓен од обичниот граѓанин.
„Првото лице на Европа е она за кое се бориме веќе три децении. Второто е причината за која многумина се откажуваат од таа борба“, вели Богојески.
Според него, Македонија треба да остане „ЕУреалистична“, што значи трезвено да ги согледува предностите и слабостите на европскиот процес, без да подлегнува на радикален евроскептицизам или наивен ентузијазам.
„Нашата задача е да се бориме за ЕУ каква што била замислена – заснована на вредности, а не на корупција. Да не дозволиме разочарувањето да нè оддалечи од таа визија“, додава тој.
Апелот според Петар Богојески е јасен: да се разликува идејата за Европа од нејзината моментална институционална слабост – и да не се дозволи првата да биде жртва на втората.