Демодирани бугарски политики со амбиција за „модерен“ македонски јазик и идентитет

Политика

Непроменета вистина, и со извештајот на Европскиот парламент и без него, е дека Македонците говорат македонски јазик. Можеби не секогаш правилно, според правилата на стандардизираниот јазик, но и кога зборуваат со примеси на дијалекти, жаргон, неправилен акцент, дури и „македонизирајќи“ ги странските зборови, интернационализмите…, сето тоа е актуелна состојба на современиот, нека биде и модерен – македонски јазик.

Но таа современа состојба на македонскиот јазик е лингвистичка категорија, што ја имаат сите јазици на светот. Дури и онаа фраза за изговори, „јазикот е жива материја“, кога не се изразуваме соодветно и правилно на мајчиниот јазик, на некој начин е „интерна работа“ на секој јазик што се говори во светот, во денешно време, па и на македонскиот.

Бугарија не попушта во мобилизацијата за амандманите во ЕП за извештајот за Македонија
Но, „стапицата“ што сега му се поставува на македонскиот јазик во Европскиот парламент, со предлогот на бугарските европарламентарци пред формулацијата „македонски јазик и идентитет“ во извештајот за реформскиот напредок на Македонија да се додаде уште и „модерен“ (современ), воопшто не е од лингвистички, туку од политички карактер. Откако извештајот на австрискиот известувач за Македонија во ЕП, Томас Вајц, пред една недела беше усвоен на АФЕТ (Комисијата за надворешни работи при ЕП), а не поминаа бугарските амандмани да се додаде квалификативот „модерен“, каде што се споменува „македонскиот јазик и идентитет“, сите политичари во Бугарија речиси во еден глас потврдија дека истите предлози ќе ги достават на пленарната седница во Европскиот парламент. Мобилизацијата на целата официјална бугарска политичка номенклатура да го квалификува македонскиот јазик како „модерен“ (иако наводно извештаите на ЕП за нив не се обврзувачки), произлегува од нивната „политичко-лингвистичка“ теорија дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, па секое афирмирање на македонскиот јазик и идентитет во документите на Европската Унија го претставуваат како „загрозување на бугарските национални интереси“. Притоа, во последниве три години се повикуваат на предлог-преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, т.н. француски предлог, со услов Бугарите да бидат внесени како малцинство во македонскиот Устав, за воопшто да започнат преговорите. Навистина, со тој т.н. француски предлог не е наведено македонскиот јазик да се нарекува бугарски, но се чини бугарската политичка сцена се вознемири дека со констатирањето на македонскиот идентитет и јазик во еден европски документ, како извештајот на ЕП, ќе биде заобиколен нивниот „адут“ за уцени и осуетени нивните нескриени намери за бугаризација на Македонија.

Во интерес на вистината, дури и во извештајот се наведува дека Македонија (и понатаму) треба да ги спроведе уставните измени за да ги започне преговорите. Но токму затоа, би требало да ги зачуди сите во ЕУ и ЕП, фанатичноста на бугарските европратеници да го „модерниризираат“ македонскиот јазик и идентитет. Или што би рекол македонскиот премиер, Христијан Мицкоски – „изгледа не се работи само за Бугарите во македонскиот Устав“! Во опсесивноста да ги квалификуваат македонскиот јазик и идентитет како „модерни“, дури непристојно се видливи нескротените амбиции на бугарската политика за оспорување, негирање, па и бришење на македонската нација, една нација во Европа, во 21 век.

Доста е од мешањето на ЕУ-политиката во македонската лингвистика
Политичките чинители во Македонија, и власт и опозиција иако „неусогласени“, сепак се на иста позиција дека квалификативот „модерен“ или „современ“ е неприфатлив како политичка дефиниција на македонскиот јазик и идентитет. Во тој контекст, во научната јавност се појави одредена резерва да не биде злоупотребена лингвистичката дефиниција на современиот македонски јазик.

„Како лингвист морам да се огласам за погрешното сфаќање на синтагмата ‘modern мacedonian’. ‘Modern’ во светската наука за јазикот се употребува за современ јазик. Така има и modern english – современ англиски, па и middle english и old english – староанглиски. Така што овој термин: ‘modern мacedonian’ може само да се преведе со ‘современ македонски’, а никако со ‘модерен македонски’. Тоа е крупна и штетна грешка. А по однос на грчкиот во споредбено-историската лингвистика сè разликува new greek или modern greek или новогрчки т.е. современ грчки јазик и ancient greek = старогрчки. Во македонскиот контекст има и древномакедонски = ancient macedonian, тој на Александар, а староцрковнословенскиот, па и старословенскиот може да се нарекува и стармакедонски, а вообичаено е и именувањето – македонска редакција на старословенскиот јазик.

А предкодификацискиот период, се нарекува „народен македонски јазик“, што прераснува со кодификацијата и по процесот на стандардизација во стандарден македонски јазик или литературен. Затоа ве молам не внесувајте непотребни тревоги и неточности. Впрочем и на Филолошки факултет, пред години предметот се викаше Современ македонски јазик 1 и 2“, пишува на социјалните мрежи академикот Илија Чашуле.

Во научно-лингвистичката дискусија се вклучи и професорката Елка Јачева – Улчар, од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, која како заклучок го споделува чувството дека е „уморна од мешањето на ЕУ-политиката во македонската лингвистика“.

„Го читам сега објаснувањето на проф. д-р Илија Чашуле, за значењето на синтагмата ’модерен македонски’ од лингвистички аспект и сосема сум согласна. Но! Имајќи предвид од каде доаѓа предлогот не можам да бидам комотна дека зад придавката ‘модерен’ не се крие уште еден обид за временското ограничување на македонскиот јазик (од 1945 г.) и лишување од неговата илјадалетна историја. Зошто само пред македонскиот би бил потребен квалификативот – модерен?! Зарем другите јазици во ЕУ не се модерни, односно современи! Фала ѝ на ЕУ за неколкукратно повторените ексклузивитети! Ако беше за аир – доста беше! Уморна сум од мешањето на ЕУ-политиката во македонската лингвистика!“, вели во својата објава професорката Јачева-Улчар.

Бугарското „мислење на малцинството“ не е обврзувачко за Македонија
Македонскиот јазик и идентитет во извештајот на ЕП, сепак се „фрлени в оган“ во политичката битка за достоинствено евроинтегрирање на Македонија. Оттука, се чини свесно е влезено во политички ризик за разоткривање пред европските инстанци на вистинските намери на оние што го блокираат патот на Македонија кон ЕУ. Но сепак, каков и да биде политичкиот исход со референцата „модерен“, тоа не ја менува суштината дека македонскиот говор од 9 век е во основата на писмениот старословенски јазик, т.е. азбуката што ја создале Кирил и Методиј. Македонскиот јазик си има свој посебен и автентичен развој низ вековите! Колку тоа да не ги интересира ЕУ и европарламентарците, треба да слушнат дека македонскиот јазик не потекнува од бугарскиот, Впрочем ни другите словенски јазици во ЕУ не потекнуваат од бугарскиот, колку и да носат резолуции за тоа во Бугарија. Дури и Словачка и Чешка реагираа во една прилика во ЕУ за таквиот бугарски став, кога Бугарија почна да ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ, преземајќи ја „штафетата“ од Грција, па и од Франција. Освен тоа, ако за Бугарија не се обврзувачки извештаите на Европскиот парламент за Македонија, тогаш за Македонија е уште помалку обврзувачко „мислење на малцинството“, т.е на бугарските европарламентарци за „модерната“ квалификација. Но Европскиот парламент, заради сопственото достоинство и демократските вредности што ги претставува не смее да си ги дозволи таквите демодирани бугарски политики, кои дрско го злоупотребуваат членството во ЕУ за да „креираат нова нација и јазик“ во Европа, во 21 век.