По најавата за дигитален попис, ДУИ обвинува за обид да се прикажат помал број Албанци

Македонија, Политика

ДУИ ги осуди, како што ги нарече, најновите обиди за делегитимирање на процесот на пописот на населението од 2021 година. Партијата на Али Ахмети нагласува дека овој попис, за првпат по 2002 година, ја прикажа застапеноста на Албанците во државата на 29,5 отсто, во споредба со 25,17 проценти во 2002 година.

ДУИ ги толкува обвинувањата за незаконитост како намерен обид да се прикрие, според нив, „срамната, неправедна и антиуставна одлука на оваа влада“. Опозициската партија тврди дека актуелната влада, без политички легитимитет од Албанците, ја намалила процентуалната застапеност на Албанците на 24,3 отсто со исклучување на дијаспората од официјалните пресметки.

Според ДУИ, оваа одлука ги прикажала Албанците со помал удел дури и од оној во 2002 година. Од таму потенцираат дека овој потег, кој веќе е поништен како незаконит, не претставува само техничка или административна грешка, туку го сметаат за „тежок политички акт со цел систематско намалување на застапеноста на Албанците, занемарувајќи го придонесот, присуството и правата на дијаспората“.

„Доколку некој денес треба да сноси одговорност за манипулациите, тогаш тоа се функционерите на оваа влада и нивните албански соработници кои ги изгласаа и спроведоа одлуките што ги оштетуваат Албанците на директен и долгорочен начин“, се наведува во реакцијата на ДУИ.

Инаку, Уставниот суд оцени дека категориите „резидентно“ и „нерезидентно“ населени од Методологијата за пописот од 2021 година не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.

Одлуката на Уставниот суд беше тема и на собраниската седница посветена на пратенички прашања. На неа премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, го изложи предлогот за спроведување вонреден електронски попис догодина.