
Меџити: Во Мала Речица бројот на гласови ја надминува бројката на жители – обвинувања за изборни манипулации од ДУИ
Меџити со обвинување до ДУИ: „Во Мала Речица има повеќе гласови отколку жители“
Првиот вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити, остро реагираше на, како што вели, драстичните несовпаѓања меѓу податоците од пописот и резултатите од изборите во Мала Речица, обвинувајќи ја ДУИ за свесни манипулации и злоупотреба на институциите.
„Дијаспората ја изгради државата, ДУИ ѝ го избриша името!“, изјави Меџити, потсетувајќи дека жителите на Грчец се иселиле поради седиштето на ДУИ, а прашува каде се иселиле жителите на Мала Речица.
Според него, пописот од 2021 година, спроведен од кадри блиски до ДУИ во Државниот завод за статистика, покажува дека во Мала Речица живеат 1.653 полнолетни Албанци. Но на минатогодишните парламентарни избори, албанските партии во истото место добиле 2.402 гласови.
„Без да ги пресметаме оние што не гласале и малолетните, во Мала Речица недостигаат 800 жители. Ако ги додадеме и тие што не гласале и младите под 18 години, излегува дека во Мала Речица недостигаат над 3.500 жители“, посочи Меџити.
Тој предупредува: „Дали ДУИ сака да каже дека на изборите гласале и мали и големи? И над 18 и под 18 години? Гласале и млади и стари, па дури и над 100% од популацијата? Или пак, ДУИ ги иселила жителите на Мала Речица во некое друго населено место?“
Во изјавата, Меџити акцентира на злоупотребата на официјалните податоци и искривување на граѓанската волја, нарекувајќи го ова уште еден доказ за тоа како ДУИ ги има ставено институциите во функција на партиски интереси.