Таравари од Гостивар, без македонско знаме: Нека се кандидираат Али и Фетаи на изборите, ако добијат над илјада гласови, ќе се повлечам од политиката!

Политика

„Арбен Таравари, претседател на Алијансата за Албанците, ги предизвика министрите Азир Алиу и Арбен Фетаи да се обидат да се кандидираат едниот во Гостивар, а другиот во Липково, и ако добијат повеќе од илјада гласови, тогаш тој ќе се повлече од политиката!“ – оваа порака, едновремено и своевидна провокација на Таравари од синоќешниот собир на неговото крило во Алијансата за Албанците во Гостивар, ја пренесе информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.

Во таа пригода Арбен Таравари им се заблагодарил на тројцата пратеници Садик Сулејмани, Ријад Шаќири и Халил Снопче, поради, како што кажа, „не ги предадоа, туку ги заштитија во одбраната на албанската национална кауза“.

Паѓаше во очи фактот дека на собирот на АА на Таравари во Гостивар го немаше истакнато државното знаме на Република Македонија: имаше знамиња на Албанија, на ЕУ и САД, партиско знаме на АА, ама не и македонско знаме.