
Трамп ја продолжи вонредната состојба за Западен Балкан
Американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи вонредната состојба за Западен Балкан за уште една година, задржувајќи ја правната основа за продолжување на санкциите на САД врз поединци и субјекти во регионот.
Одлуката е донесена поради тековните невообичаени и вонредни закани за националната безбедност на Соединетите Американски Држави.
Продолжувањето на вонредната состојба е објавено во Федералниот регистар и му овозможува на претседателот да воведе финансиски и други рестриктивни мерки врз поединци и субјекти поврзани со Западен Балкан според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (ИЕЕПА).
Белата куќа ги наведе активностите на поединци што го загрозуваат мирот и меѓународните напори за стабилизација во регионот, вклучувајќи екстремистичко насилство и опструктивни активности што го попречуваат напредокот кон ефикасно и демократско управување и целосна интеграција во евроатлантските институции.
Вонредната состојба за Западен Балкан првпат беше прогласена во јуни 2001 година, а беше дополнително проширена во јануари оваа година со Извршната наредба 14140 на претседателот Трамп, за да ја вклучи борбата против корупцијата и обидите за поткопување на суверенитетот на земјите во регионот.
Ова е една од низата вонредни мерки што ги прошири администрацијата на Доналд Трамп како дел од стратегијата за одржување на економскиот притисок врз регионите што се сметаат за закана за безбедносните интереси на САД.