
Богојески и Мицкоски со договор за заеднички настап на локалните избори и нова функција за Македонски Концепт
На официјална средба помеѓу претседателот на Македонски Концепт, д-р Петар Богојески, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Христијан Мицкоски, двете партии договорија натамошно продлабочување на коалициската соработка и заеднички настап на локалните избори во 2025 година.
Средбата, која следеше по одлука на Претседателството на Македонски Концепт од 23 јуни, резултираше со неколку конкретни договори. Потврдена е досегашната успешна соработка во рамки на коалицијата „Твоја Македонија“, а Владата доби позитивна оценка за своето функционирање, со укажување на потребата за дополнителен фокус во одредени политички области.
Во рамки на договорот е најавена и прераспределба на позиции во извршната власт, при што д-р Петар Богојески ќе преземе раководна функција во нова институција. Партнерите изразија уверување во силен заеднички настап и победа на претстојните локални избори.
Македонски Концепт, исто така, ги доставил своите сугестии за приоритетите во владината програма за наредната година, а од партијата најавуваат дека јавноста ќе биде благовремено информирана за понатамошните чекори.