
Божиновска: Младите умови ќе бидат двигатели на технолошката трансформација во јавниот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска потпиша Меморандум за соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), со што започнува стратешко партнерство меѓу институцијата и академската заедница.
„Кога ќе ги отворите вратите за младите – ќе ја отворите иднината“, порача Божиновска, нагласувајќи дека соработката не е еднострано насочена, туку дека и Министерството ќе учи од младите студенти.
Според договорот:
- Студентите од ФИНКИ ќе бидат вклучени во реални проекти во рамките на Министерството
- Ќе се работи на развој на модерни дигитални решенија за потребите на јавниот сектор
- Ќе се создава мост меѓу знаењето, иновацијата и институционалната трансформација
Партнерството, како што истакна Божиновска, е прв чекор кон долгорочна дигитална трансформација во јавната администрација, при што младите ќе играат клучна улога во создавањето на поефикасни, технолошки напредни институции.
„Ова е соработка од која добиваат сите – студентите стекнуваат искуство, институциите добиваат свежи идеи и технолошка поддршка, а граѓаните поефикасни услуги. Време е младите умови да станат двигатели на вистински системски промени“, порача министерката Божиновска.