Коњановски на средба со генерацијата: 45 години од матурирањето во битолската гимназија

Македонија

Во година кога најстарата гимназија во Битола – „Јосип Броз Тито“ одбележува осум децении настава на македонски јазик, поранешните матуранти од генерацијата 1980 година ја прославија 45-годишнината од завршувањето на средното образование.

 

Станува збор за генерација која матурирала во специфичен историски момент – само неколку дена по смртта на Јосип Броз Тито, кога матурската вечер била откажана. Токму тој спомен беше еден од најсилните емоционални моменти на средбата, каде што присутните со топлина се навратија на своите младешки денови поминати во клупите на битолската гимназија.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој е дел од оваа генерација, во својата честитка истакна:

 

„Скапоцени моменти на дружење кога со генерацијата ги споделуваме спомените од најубавите четири години од нашите животи… Со гордост можам да кажам дека сме генерација која преку добро образование и изградени вистински вредности и понатаму цврсто чекори и го гради нашето општество.“

Покрај сеќавањата за безгрижните денови, не изостана и почитта кон некогашните професори, но и тажните сеќавања на соучениците кои веќе не се меѓу живите.

На средбата присуствуваа и матуранти кои денес живеат надвор од земјата, но специјално за овој повод се вратија во родната Битола. Средбата беше исполнета со прегратки, емоции и повторно разгорени пријателства, потсетувајќи на вредноста на генерациските врски и традицијата на образованието во градот под Пелистер.