Коњановски: Битола ќе прерасне во модерен реонски центар

Македонија

Предлогот за нов урбанистички план во Нова Битола, кој предвидува изградба на мултифункционален спортски комплекс и формирање на нов реонски центар, не доби поддршка од дел од советниците во Советот на Општина Битола. И покрај тоа што планот е усогласен со Генералниот урбанистички план и нуди содржини од јавен интерес, советниците на СДСМ и Поинаку гласаа против, што го отвори прашањето дали политиката ја потиснува развојната агенда на градот.

Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека со новиот ДУП за блокот Запад 08.01 се предвидува целосна трансформација на просторот во Нова Битола, каде на површина од над 15 хектари, сега под ниви, би се изградиле спортски и социјални објекти, како и нова сообраќајна инфраструктура. Планот опфаќа спортски комплекс со капацитет од околу 5.000 гледачи, основно училиште, детска градинка, старски дом, објекти за колективно домување и големи површини за зелени површини и рекреација.

„Ова не е само спортски објект, туку нова урбана точка која ги обединува сите потреби на еден современ реонски центар. Планот е изработен со сите стандарди и усогласен со сите релевантни студии, а земјиштето е во доминантна државна сопственост“, рече Коњановски.

Градоначалникот потенцираше дека експропријацијата, каде што е потребна, ќе се спроведе во согласност со Законот за експропријација и со надоместок врз основа на пазарната вредност. Потсети и на претходни примери како улиците „Железничка“ и „8-ми Септември“, кои преку експропријација значително го подобрија урбаниот развој на Битола.

Од опозицијата засега нема конкретна аргументација зошто не го поддржаа планот, но од локалната самоуправа порачуваат дека „блокирањето на планови кои носат реални придобивки за граѓаните е политички чекор на штета на јавниот интерес“.

Изработувач на планот е Јавното претпријатие за урбанистичко планирање – Битола, со лиценца издадена од Министерството за транспорт, кое според член 70 од Законот за урбанистичко планирање има ингеренции за подготовка на вакви планови. Од претпријатието потенцираат дека целокупниот процес е транспарентен и базиран на над 10 стручни студии, вклучително и анализа од Архитектонскиот факултет за потенцијалот на овој дел од градот како нов јавен и функционален центар.

Коњановски најави дека нема да отстапи од развојните планови и дека општината ќе продолжи со напори за реализација на овој капитален проект. „Нова Битола и Битола заслужуваат вакви инвестиции. Ова не е политичко, туку прашање на визија, стручност и одговорност кон иднината на нашиот град“, изјави тој.