
Битола: Улицата „Стрежевска“ целосно затворена од 9 до 19 јуни поради инфраструктурни работи
Општина Битола ја информира јавноста дека во периодот од 9 до 19 јуни 2025 година ќе се изврши целосно затворање на споредната улица „Стрежевска“, поради изведување градежни работи во рамки на проектот за реконструкција на улицата „8 Септември“.
Како дел од активностите предвидени во проектот, ќе се работи на реконструкција со доградба на коловоз во должина од 840 метри, изградба на атмосферска и мешовита канализација, куќни приклучоци, реконструкција на водоводната мрежа, како и поставување на ново улично осветлување. Изведбата на овие работи подразбира и дислокација на постојната инфраструктура, што го наложува привременото затворање на улицата „Стрежевска“.
Од Општината апелираат до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат привремената сообраќајна сигнализација и насоките за движење во согласност со фазите 7 и 8 од сообраќајниот проект за режим на сообраќај.
Надлежните уверуваат дека сите активности се координирани со цел безбедно и ефикасно извршување на зафатите и навремено завршување на работите во предвидениот рок.