
Од грчкиот јаглен што горел во Македонија, парите „исчадиле“ кај Вице Заев во Бугарија
Сè уште незакрепнати од ковид-пандемијата, која силно ги погоди европските држави, континентот во 2022 година се соочи со нова незамислива криза – војна во Украина.
Додека некои во кризата видоа шанса за енергетска транзиција, други овозможуваа кризно профитерство финансирано со буџетски пари преку сектори клучни за државата и граѓаните.
Една таква земја е и Македонија.
Сѐ започна откако во август 2022 година, кога Министерството за економија објави дека ќе се прогласи состојба на енергетска криза во секторот за електрична енергија за да се обезбеди стабилно снабдување за домашните потрошувачи.
Тоа вклучуваше повеќе буџетски пари за државните компании за производство и транспорт на енергија, како што се Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО). Со дополнителните финансии требаше да се обезбедат доволни количини јаглен и нафтени деривати за домашните термоелектрани.
По повеќе од три и пол години управни тужби против државната компанија ЕСМ и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, кои беа водени од новинарите на ИРЛ поради одбивање да се обелоденат милионски договори за набавка на јаглен, успеавме да откриеме каде завршиле дел од парите.
За време на енергетската криза од 2022 до 2025 година државната компанија склучила договори за набавка на 4,6 милиони тони лигнит, за кои било договорено нетранспарентно да се потрошат над 283 милиони евра.
Парите завршиле кај мал број фирми, најчесто наменски и набрзина формирани за да ги добијат тендерите за лигнит. Станувало збор за примамлив бизнис кој предизвикал интерес кај дури 23 компании да достават понуди на огласите на ЕСМ.
Големи разлики во цените
Заобиколувајќи го Законот за јавни набавки, кој дозволува исклучок бидејќи станува збор за набавка на енергија или гориво, преку јавни огласи за РЕК „Битола“ биле склучени 15 договори за набавка на јаглен со единаесет различни компании. Биле склучувани и анекси за промена на количините, местото за набавка и цената.
Најголем дел од јагленот доаѓал од Грција, а дел и од Албанија. Помали количини било договорено да се увезат од Бугарија и Косово, a мал дел бил набавен и од македонски рудници.
Цената за РЕК „Битола“ варирала од најниски 45 евра за еден тон лигнит, до највисоки 88,5 евра. Таа се одредувала според енергијата што може да се произведе, а варирала од околу 450 денари до 599 денари за еден гигаџул енергија.
Меѓутоа, овие продажни цени кои се постигнати во договорите со ЕСМ откривме дека значително се разликуваат од набавните цени по кои компаниите го увезувале јагленот од странство.
Според увозните декларации што ги доби ИРЛ од Царинската управа, цените на увезениот јаглен од Грција биле поконкурентни отколку од Албанија. Освен набавната, во цената е вклучен и трошокот за транспорт, па таа се движи од 45 евра за увезен еден тон лигнит од Грција во 2022 година, 41 евро за тон во 2023, до 39 евра во 2024 година.
Од Албанија, пак, каде што се смета дека има покалоричен односно поквалитетен лигнит, но трошокот за транспорт е повисок поради поголемата оддалеченост, просечната цена на еден тон била 47 евра во 2022 година, 54 евра во 2023 и 63 евра во 2024 година.