
Ѓорѓиевски: Биди херој на едно детство – Биди згрижувач!Ѓорѓиевски: Биди херој на едно детство – Биди згрижувач!
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска упати силна порака за поддршка на згрижувачките семејства, во рамки на настанот под мотото „Љубовта започнува дома – Биди херој на едно детство – Биди згрижувач!“. Тој истакна дека токму љубовта, грижата и подадената рака се темелите на човечноста.

Во општина Кисела Вода моментално функционираат 15 згрижувачки семејства, кои се грижат за 19 деца. „Тоа се 19 приказни за надеж, љубов и нов почеток. Но, реалноста е дека тоа не е доволно. Потребни се уште многу луѓе кои се подготвени да понудат топол дом и безбедно детство,“ порача Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност до сите што веќе ја направиле оваа благородна одлука и истакна дека да се биде згрижувач значи да се дарува нова шанса и безусловна љубов – чин кој ја отсликува највисоката човечка доблест.

„Како локална самоуправа остануваме посветени на поддршката на згрижувачките семејства, но и на активна работа за подигнување на јавната свест. Како претседател на ЗЕЛС, ќе иницирам национална кампања во сите општини за зголемување на бројот на згрижувачи. Овие деца имаат потреба од љубов, а ние сите заедно можеме да бидеме дел од нивната среќна приказна,“ порача Ѓорѓиевски.