
Трамп е фрустриран: Оваа недела би можел да воведе санкции на Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за воведување нови санкции врз Русија оваа недела бидејќи сè повеќе е фрустриран од континуираните напади на Русија врз Украина и бавниот напредок во мировните преговори, изјавија извори блиски до него за Волстрит џурнал.
Според еден извор, санкциите веројатно нема да вклучуваат нови мерки против банките, но се разгледуваат други опции со кои ќе се изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на отстапки, вклучително и 30-дневен прекин на огнот поддржан од Украина, што Русија досега доследно го отфрла.
Во неделата, Трамп коментираше за можноста за нови мерки, велејќи дека „апсолутно“ ги разгледува. „Убива многу луѓе“, рече тој за Путин. „Не знам што му е. Што му се случи, по ѓаволите?“ додаде тој.
Според истите извори, Трамп го губи трпението со мировниот процес и размислува целосно да го напушти доколку последниот обид не успее – што би било ненадеен пресврт за претседателот кој ја водеше кампањата со ветување дека ќе ја заврши војната уште на првиот ден на функцијата. Не е јасно што би се случило ако САД се повлечат од преговорите или дали Трамп ќе продолжи да ѝ обезбедува воена помош на Украина.
„Претседателот Трамп е јасен – тој сака мировен договор преку преговори“, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит во изјава за Волстрит џурнал. „Исто така мудро ги држи сите опции отворени.“
И покрај бројните обиди, Трамп не успеа да изнуди поголеми отстапки од Путин во преговорите, додека рускиот претседател дополнително ги засили воените операции. Неколку часа по коментарите на Трамп во неделата, Русија го започна својот најголем напад со беспилотни летала и ракети врз Украина досега. Русија ги опиша нападите како одмазда за украинските напади на нејзина територија.
Во понеделник, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека САД, Германија, Франција и Велика Британија повеќе нема да го ограничуваат опсегот на оружје што го испорачуваат на Украина, што значи дека Украина сега може да напаѓа и воени цели подлабоко во Русија. Досега, западните ракети можеа да се користат само против руски цели во одреден дострел. Администрацијата на претседателот Бајден претходно се спротивстави на укинување на овие ограничувања, плашејќи се од ескалација на војната. Белата куќа не сакаше да ја коментира одлуката.
Ставовите на Трамп кон Путин се менуваа од почетокот на неговиот мандат. Иако повремено упатуваше остри критики и размислуваше за санкции, тој зборуваше и за можностите за намалување на трговските бариери и привлекување американски инвестиции во Русија. Но, во неделата, тој беше необично остар: „Го познавам долго време, секогаш имавме добри односи, но сега испраќа ракети во градовите и убива луѓе, а тоа воопшто не ми се допаѓа“, рече тој. „Додека зборуваме, тој испраќа ракети кон Киев и други градови. Тоа воопшто не ми се допаѓа.“
„Се чини дека претседателот Трамп почнува да сфаќа кој е всушност Владимир Путин“, рече Вилијам Тејлор, поранешен американски амбасадор во Украина. „Прашањето е – дали серизоно го мисли тоа? Дали тоа ќе доведе до конкретни потези, до санкции?“ Тејлор додава: „Од неговите коментари, се чини дека Трамп е близу до заклучок – или веќе го донел – дека Путин е пречка за мир“.