РУСИЈА ВО ШОК – Западот ги укинува ограничувањата: Украина добива дозвола за напади во внатрешноста на Русија

Свет

Германскиот канцелар Фридрих Мерц соопшти историска промена во политиката на Западот кон војната во Украина, објавувајќи дека повеќе не постојат ограничувања за употреба на западното оружје од страна на украинските сили. Тоа значи дека Киев сега може да ги користи проектилите долг домет за напади на руски воени цели и во длабочината на територијата на Русија, а не само во пограничните области и окупираните територии.

„Веќе нема ограничувања на дометот на оружјето испорачано на Украина – ниту од Велика Британија, ниту од Франција, ниту од нас, ниту од САД“, изјави Мерц на настан организиран од германскиот јавен сервис WDR. Тој додаде дека Украина конечно може да се брани со „оган на долга одалеченост“.

Оваа одлука, според аналитичарите, претставува важен пресврт во западната стратегија и воено ја зацврстува позицијата на Украина во тековниот конфликт. Иако Германија сè уште не ѝ има испорачано ракети „Таурус“ со домет од над 500 километри, Киев веќе располага со системи како ATACMS, Storm Shadow и SCALP од САД, Велика Британија и Франција.

Одговорот од Кремљ не доцнеше. Портпаролот Дмитриј Песков ја нарече одлуката „исклучително опасна“, тврдејќи дека таа оди спротивно на руските обиди за постигнување договор со Украина. Москва, според него, останува отворена за преговори, иако досегашните иницијативи за примирје не доведоа до конкретен напредок.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон изрази надеж дека гневот на американскиот претседател Доналд Трамп кон Москва ќе се претвори во конкретни чекори. Макрон рече дека „веродостојноста на САД е загрозена“ и побара повторно поставување на ултиматум кон Кремљ, со закана за масовни санкции доколку не се постигне примирје.

Развојот доаѓа по разрушувачки руски напади врз украински градови, што дополнително ја заостри западната поддршка за Украина и ги отвори прашањата за ново ниво на директна конфронтација помеѓу Москва и НАТО.