Македонија има светски талент – Лука Трпевски на 15 години стана нов фудбалер на Црвена Звезда (ВИДЕО)

Спорт

Македонскиот фудбал доби нова надеж за иднината. Младиот талент Лука Трпевски, кој има само 15 години, денеска стави потпис на својот прв професионален договор со еден од најголемите клубови на Балканот – Црвена Звезда. Со тоа, тој стана најмладиот македонски фудбалер кој официјално потпишал договор со белградскиот тим.

„Овој договор многу ми значи. Благодарен сум на клубот што ми ја даде оваа можност. Навистина сум пресреќен. Од дете сонував еден ден да заиграм на стадионот ‘Маракана’ како дел од првиот тим на Црвена ѕвезда“, рече Трпевски по потпишувањето.

Лука веќе две години е дел од младинските категории на српскиот шампион, а претходно ги носеше дресовите на Македонија ЃП и Вардар. Моментално игра за пионерскиот состав на „црвено-белите“, кој е актуелен првак во својата категорија, но веќе добива и шанса да настапува со повозрасните – фудбалери родени во 2009 година. Тоа е потврда за неговото брзо созревање и исклучителна фудбалска перспектива.

Никола Јелиќ, директорот на младинската академија на Црвена Звезда, изјави:

„Имаше интерес од многу клубови, но Црвена Звезда е најголемото име во регионот и успеавме да го задржиме. Лука поседува извонредна техника и силен удар, и очекуваме неговиот развој да ни донесе многу позитивни резултати.“